Search

Гостинско предавање на проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска на Универзитетот „Луиџи Ванвители“ во Казерта, Италија

Споделете

На 28 ноември 2025 година, на Правниот факултет при Универзитетот на Кампања „Luigi Vanvitelli“ во Казерта, Италија, проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска од Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип одржа гостинско предавање на тема „Autodeterminazione dei popoli tra teoria e prassi: la disputa greco–macedone e l’Accordo di Prespa“. Предавањето се одржа во рамките на наставата по предметите Заштита на човекови права и Меѓународно јавно право, кај проф. д-р Џорџа Бевилаква, во соработка со катедрите по меѓународно право на проф. д-р Кјара Витучи и проф. д-р Андреа Сакучи.

Во своето излагање, проф. Никодиновска-Крстевска се задржа на правото на самоопределување на народите и неговата разработка во меѓународното јавно право како принцип и како jus cogens норма која има задолжителна сила. Посебен акцент беше ставен на грчко-македонскиот спор и Договорот од Преспа како пример за примена на принципот на самоопределување во контекст на современите меѓународни односи, меѓународните договори и регионалната стабилност.

Студентите покажаа извонреден интерес за темата, при што се разви динамична дискусија. Во рамките на дискусијата се правеа споредби со други слични случаи во меѓународното право, каде што правото на самоопределување е вградено како клучен принцип во меѓународни договори и резолуции. Настанот претставува значаен придонес кон продлабочување на академската соработка помеѓу Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип и Универзитетот „Luigi Vanvitelli“, како и кон интернационализацијата на наставно-научната дејност на Правниот факултет.