Search

„Каква иднина посакувате“ – предавање на амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел

Споделете

На Правниот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ гостуваше амбасадорката на Кралството Холандија во РСМ, Узлем Џанел.

Таа при посетата одржа и предавање пред студентите на Правниот факултет, на тема „Каква иднина посакувате“.

Амбасадорката Узлем Џанел во своето предавање се задржа на значењето на членувањето во Европската Унија за Македонија, потенцирајќи дека тоа е пат кој е полн со предизвици, но придобивките сe големи.

„Холандија е поддржувач на вашата држава во ЕУ интеграциите. Да, критични сме, но целта е државата да биде што е можно поподготвена. Не е прашање дали, туку кога ќе се придружите на Унијата. Позитивна работа е што Македонија веќе е членка на НАТО и тоа е одличен знак, но и членството во ЕУ е од големо значење. Вредностите што ги промовира Унијата се значајни и вашите вредности, јазик, култура, ќе бидат загарантирани во ЕУ. Дали состојбите се перфектни, секако дека не се, но во ЕУ сите вредности порано или подоцна си ја наоѓаат својата позиција, место. Патот не е лесен, но вреди, компромисот е тешка работа, но на крај носи бенефит за сите“, рече Џанел пред студентите.

Студентите имаа можност да ѝ постават прашања на амбасадорката. Таа ги сподели своите мислења со нив, велејќи дека никој не може да ги има сите одговори, но секогаш е добро да се разговара.