Search

Предавање на професорот Дејвид Сигел пред студентите на Правен факултет

Споделете

На Правен факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип се одржа исклучително интересно и интерактивно гостинско предавање од страна на професорот Дејвид Сигел, визитинг професор на Фулбрајт (Professor of Law at New England Law | Boston).Тој предаваше на тема „What Constrains Executive Authority Under the US Constitution: Law or Politics?”.

Предавањето предизвика голем интерес кај студентите и академскиот кадар, особено поради актуелниот контекст на американската политичка сцена, каде што претседателот Доналд Трамп повторно ги става Уставот и политичките институции во фокус на јавноста со своите одлуки и настапи.

Дополнително, студентите имаа можност да слушнат и практична перспектива за правното образование во САД од Шелби Пери, асистент на Фулбрајт и претставник на Универзитетот на Флорида. Таа говореше за концептот и структурата на правното образование во САД, времетраењето, формалните и финансиските услови за студирање, како и за предизвиците и можностите што ги имаат американските студенти во правната професија.

Настанот беше збогатен и со присуството на Чарлс М. Сантиаго Моралес, заменик-службеник за односи со јавноста при Амбасадата на САД во Скопје. Тој по предавањето неформално разговараше со студентите, одговарајќи на прашања поврзани со можности за академска соработка, студии во САД и други теми од нивен интерес.

Овие предавања претставуваат значаен дел од континуираната меѓународна соработка на Правниот факултет со американски и европски универзитети, во насока на интернационализација на наставата и проширување на академските хоризонти на студентите.