Search

Претставници од УГД на средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, во рамките на Унијата на синдикати во високото образование

Споделете

Претставници од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беа дел од средбата што претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, ја оствари со Сојузот на синдикати во високото образование. Претставници од УГД беа професорите д-р Билјана Тодорова и д-р Андон Мајхошев. 

На состанокот се разговараше за напредокот и завршните чекори во процесот на подготовка и потпишување на колективните договори со петте државни универзитети во земјава.

Страните ја нагласија важноста од навремено финализирање на процесот, оценувајќи дека потпишувањето на колективните договори е клучно за подобрување на статусот на академските работници и подигнување на квалитетот на високото образование.

Претседателот Гаши истакна дека Собранието е целосно посветено на овој процес и дека ќе постапува приоритетно.

„Потпишувањето на Колективниот договор е висока цел за мене лично, но пред сè е од суштинско значење за професорите и за подигнување на квалитетот на високото образование“, изјави Гаши.

Претставниците на синдикатите, меѓу кои и делегацијата од УГД, ја изразија благодарноста за поддршката и конструктивниот пристап на претседателот на Собранието, оценувајќи ја неговата посветеност како пример за институционална соработка.

На средбата беше договорено интензивирање на активностите со цел навремено исполнување на обврските и реализација на заедничката заложба за унапредување на високото образование во Северна Македонија.

Следната седмица од страна на Собранието е поканет и преговарачки тим од УГД, кој има за цел да ги води официјалните преговори во врска со склучувањето на колективниот договор, кој треба да се применува од 2026 година.

Надвор од синдикалните активности на средбата со претставниците од УГД претседателот на Собранието беше поканет во официјална посета на Универзитетот  ,,Гоце Делчев”, а начелно беше договорено таа официјална посета да се реализира наскоро.