Датум: 21 ноември 2023 година
Место на одржување: Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје
Заднина:
Омразата и дискриминацијата претставуваат сè поголеми предизвици во осигурувањето дека сите луѓе можат подеднакво да ги уживаат своите човекови права. Говорот на омраза како форма на дискриминаторско изразување е сериозна грижа за човековите права. Тој е алатка која честопати се користи за замолчување и заплашување на малцинствата и за таргетирање на цели групи во општеството. Без разлика дали се користи од политичарите или се шири од медиумите или во онлајн сферата, говорот на омраза може да создаде средини погодни за дискриминација, насилство и други прекршувања на човековите права. Во овој контекст, тој има директно влијание и врз одржувањето или засилувањето на веќе постоечките практики на системска дискриминација на ранливите групи во општествата.
Меѓународното право, како и поголемиот дел од земјите на Европа, како и останатите земјите заземаат став кон говорот на омраза како посебно штетен за слободата и еднаквоста во општествата кои стануваат мултикултурни. Ваквиот пристап носи повеќеслојно поимање на штетата од говорот на омраза. Штетата е видена не само во смисла на нарушување на јавниот ред, поттикнување на насилство и сл., туку, и пред сѐ, во повредата на достоинството на индивидуите и дискриминацијата која во него е содржана и која со него се поттикнува.
Во ова светло, покануваме трудови кои рефлектираат различни аспекти на односот помеѓу дискриминацијата и говорот на омраза на академскиот кадар и студентите од трите партнерски факултети/универзитети, на истражувачи и практичари во која било фаза од нивната кариера, експерти и претставници на институции.
Детали за поднесување:
Заинтересираните учесници се поканети да го пријават своето учество со наслов на излагањето најдоцна до 1 ноември 2023 година, на следниов мејл: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Конференцијата е заеднички настан помеѓу Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, Универзитетот на Југоисточна Европа и Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, како дел од активностите спроведени во соработка на трите факултети/универзитети со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.