-
Создадено: Среда, 17 Февруари 2021
Со особено задоволство ви ја презентираме новата електронска публикација насловена Европска унија: право и политки, во издание на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а изработена во рамките на Центарот за анализа на право и политики при Правниот факултет.
Идејата за да се објави една ваква публикација се разви паралелно со основањето на постдипломските студии по европско право на Правниот факултет – УГД во 2016 година, врз основа на што оваа книга беше замислена да биде еден вид на теориска и академска поткрепа на самите студии по европско право. Во суштина, самата публикација претставува еден обид да се соберат на едно место ракописи на македонски јазик од областа на Европската унија, коишто ќе бидат наменети како за академската така и за стручната заедница на правници, политиколози, практичари и студенти, но се разбира и за пошироки категории на читателска јавност.
Збирката Европска унија: право и политики содржи ракописи од вкупно дванаесет различни автори кои обработуваат единаесет различни подрачја од европското право и политиките, како што се: европскиот идентитет, тероиите за европска интеграција, јазичната политика на Европската унија, правото на интелектуална сопственост на Европската унија, европското договорно право, европското отшетно право, административното право на земјите во Европската унија, европското трудово право и индистриските односи во Европската унија, системите на заштита на човековите права во Европската унија, надворешната политка на Европската унија и политиките за проширување на Европската унија. Поглавјата во книгата имаат теоретски и практичен приод кон различните проблематики што се обработуваат и преку еден унифициран пристап на изработка тие ги разработуваат основните содржини на правата и на политките на Европската унија преку примарното и секундарното право на Унијата, но и преку богатата практика на Судот на правдата на Европската унија.
Книгата Европска унија: право и политики може да ја симнете тука.
Ви посакуваме пријатно читање.
Од уредниците,
Ана Никодиновска Крстевска
Борка Тушевска Гавриловиќ
Олга Кошевалиска