-
Создадено: Вторник, 07 Септември 2021
Ректорот на УГД проф. д-р Блажо Боев денес потпиша Меморандум за соработка со претставничката на УНХЦР во Северна Македонија, Моника Сандри. Меморандумот се однесува на меѓусебна соработка во областа на меѓународното право со особен акцент на миграциите и бегалците.
- Овде сме на почетокот на нашата соработка и навистина сме импресионирани колку е активен универзитетот во делот на миграции и заштита на бегалци. Навистина се надевам дека ќе ја продлабочиме оваа соработка во иднина - изјави претставничката на УНХЦР, Моника Сандри.
Во понатамошната соработка меѓу УНХЦР и УГД најголем придонес ќе имаат Правниот факултет и Филолошкиот факултет.
- Го потпишавме Меморандумот за соработка со цел да ја официјализираме нашата соработка во однос на научните истражувања и научниот придонес кој може да го даде УГД во делот на миграциите и азилот, како особено интересните теми кои се денес многу важни за истражувања - изјави деканката на Правниот факултет, проф. д-р Олга Ѓуркова-Кошевалиска.
Правниот факултет е значително активен во истражувањата на овие теми и досега имаат низа проекти токму на оваа тема. Моментално работат на пет проекти кои се поврзани со миграции, азил и слично.
Натамошните истражувања што ќе ги прават Правниот факултет и Филолошкиот факултет при УГД ќе бидат во тесна соработка со УНХЦР, а тоа ќе им даде поголемо значење на проектите.
Договор за соработка со УНХЦР