-
Создадено: Четврток, 05 Мај 2022
На Правниот факултет на УГД денес беше промовирана платформата Хајде која е можност за млади новинари. Платформата е креирана од неколку држави од регионот и им нуди можност на младите студенти по новинарство да се изразат, пишуваат или да креираат други содржини.
Во рамките на проектот со организацијата „RYCO“, Правниот факултет придонесе со свое учество и со учество на своите професори и студенти.
- Проектот на регионалната канцеларија за младинска соработка „Ryco“ се одвиваше изминатата година и како резултат на тоа ја формиравме платформата хајде.медиа која денес ја презентираме токму на Правниот факултет на УГД. Тоа е само појдовна точка, сигурни сме дека во иднина ќе имаме многу повеќе студенти и многу повеќе содржини кои ќе бидат објавувани овде - истакна Тања Панева, претставник на локалната канцеларија на „RYCO“ во Македонија.
Неколку студенти од студиската програма Медиумски студии и односи со јавноста беа дел од обуките кои се организираа во рамките на овој проект, а професорката д-р Јорданка Галева беше ментор на дел од студентите.
- Ние потпишавме Договор за соработка со „RYCO“ и како резултат на тоа организиравме неколку активности. Целта е да ја зголемиме бројката на студенти по Медиумски студии и да поттикнеме повеќе млади луѓе да се занимаваат со новинарство - истакна проф. д-р Јадранка Галева од Правниот факултет на УГД.
Настанот се одржа на Правниот факултет, а на него присуствуваа студенти, па дури и заинтересирани средношколци.