-
Создадено: Вторник, 04 Април 2023
Македонско-американската алумни асоцијација, во соработка со Амбасадата на САД во Македонија, одржа презентација пред студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Презентацијата се однесуваше на волонтерството и вoннаставните активности, но и на можностите за престој и студирање во САД, кои ги нудат програмите на Амбасадата на САД во Македонија.
„Целта на денешната посета на УГД е проектот кој го реализира МААА во соработка и партнерство со четири државни универзитети, вклучително и УГД, е да се поттикнат младите повеќе да волонтираат и да бидат активни чинители во општеството, преку донирање на нивното време во општествено корисна работа. Тоа е една од нашите цели, затоа што беше препознато дека младите од македонските граѓани не се доволно активни во општеството, па затоа решивме преку овој проект да ги поттикнеме младите да се вклучуваат што повеќе во различни хуманитарни и друг тип на активности, волонтирајќи го своето време. Другата компонента на овој проект е да се поттикнат, исто така, универзитетите и училиштата да организираат воннаставни активности, односно на младите да им се понудат можности за пристап до знаења и вештини кои би биле надвор од наставната програма. Во овој дел ги охрабруваме сите факултет кои имаат одредена идеја за воншколска активност да нѐ контактираат, да иницираат формирање на такви клубови, при што членовите на МААА, во која членуваат голем број на докажани и врвни експерти од голем број на области, ќе го донираат своето време и ќе партиципираат во работата на овие клубови. Со тоа, се надевам, ќе се поттикне активизмот меѓу младите“, изјави Верица Јорданова од Македонско-американската алумни асоцијација.
Газменд Илази, советник во Амбасадата на САД и алумни координатор, ги презентираше можностите кои ги нудат програмите на Амбасадата, како што е Фулбрајт и останатите. Тој потенцираше дека карактеристика на овие програми е дека апликантите кои ќе бидат избрани, добиваат стипендии кои ги покриваат комплетно сите трошоци и по завршувањето на престојот на студентите во САД.
„Сите програми кои ги нуди Американската амбасада, сите трошоци се покриени – од виза до повратен билет. Стипендиите ги покриваат сите трошоци, а аплицирањето е онлајн. Важно е и тоа дека само оние кои ја заслужуваат стипендијата ја добиваат. Имаме многу алумни од УГД, има заинтересирани деца, но секогаш е добро да има и повеќе. Сите повици и конкурси кои ги објавуваме се наоѓаат на веб-страницата на Амбасадата на САД, како и на социјалните мрежи. Освен студентите, и академскиот кадар може да конкурира за постдипломски студии. Можам да кажам дека сум задоволен со интересот досега за програмите за престој и студирање во САД, но секогаш е добро да има и повеќе кандидати, бидејќи тогаш конкуренцијата е поголема и можеме да бараме дополнителни средства од Вашингтон. Нашите програми, по завршувањето на образованието во САД, на сите студенти им овозможува да бидат членови на Стејт алумни глобал мрежата, која брои над 300.000, и тие по автоматизам се здобиваат со право да аплицираат за различни проекти кои ги објавуваме во текот на годината и тие фондови овозможуваат покривање на проекти од 5.000 до 35.000 долари“, изјави Илази.