-
Создадено: Среда, 10 Мај 2023
Најголем дел од средношколците ќе продолжат да студираат на факултет, но нема сите да останат да студираат во Македонија.
Ова е дел од истражувањето кое го спроведе Центарот за правни и политички истражувања, а беше презентирано денес на Правниот факултет при УГД.
Според испитаниците, најпопуларни се: информатичките факултети, факултетите за медицински науки, како и правните и економските факултети. Најголем дел од испитаниците ќе студираат на државните универзитети, и тоа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. „Значителен број на студенти ќе се одлучат и за студирање надвор од државата“, истакна Илина Цветкова, студентка од Правниот факултет која учествувала во подготовките за истражувањето.
Ова истражување беше презентирано во рамките на одбележувањето на 9 Мај, Денот на Европа. На истиот ден се организираше и „Отворен ден за средношколците“.
„Постојано оставаме простор студентите да истражуваат во текот на своите студии, да го искажуваат своето мислење и да креираат критичко мислење. Ова е мал дел од нашите активности со кои гледаме да го збогатиме портфолиото на нашите студенти“, истакна деканката на Правниот факултет, проф. д-р Олга Кошевалиска.
Истражувањето се реализираше од страна на студентите под менторство на проф. д-р Страшко Стојановски од Правниот факултет.
Покрај презентацијата за истражувањето, на Правниот факултет се одржа и дебата на тема „Предности и недостатоци од членството на Македонија во ЕУ“.