-
Создадено: Четврток, 19 Октомври 2023
Професори, политичари, претставници од невладиниот сектор и студенти денес заедно разговараа на панел-дискусија насловена ЕУ и НАТО на Западен Балкан во контекст на новите политички и безбедносни предизвици. Настанот беше организиран од Фондацијата „Конрад Аденауер“, Центарот „Вилфред Мартенс“, а во соработка со УГД и Академијата за европска интеграција. Свои поздравни обраќања имаа Даниел Браун од Фондацијата „Конрад Аденауер“, Катерина Јакимовска од Центарот „Вилфред Мартенс“, Дејан Мираковски ректор на УГД, и Арлинд Зеќири, претседател на Академијата за европски интеграции.
- Драго ми е што денес сум на УГД во Штип, каде што може да разговараме за оваа важна тема во овие турбулентни времиња. Ова се времиња во кои беснеат неколку конфликти. Во регионот најблизу е оној во северот на Косово и оној меѓу Палестина и Израел е сега актуелен. Овде гледаме колку многу безбедносни предизвици имаме. Во оваа насока би истакнал колку е значајно членството на земјата во НАТО. Толку се турбулентни овие времиња што овој контекст заборавив да го спомнам конфликтот во Украина. Да, Северна Македонија не може да биде исклучена од овие конфликти. Секаде во непосредната близина овие работи и тоа како влијаат на безбедно-политичките услови. И покрај тоа што нема конфликти во земјата, Македонија е дел од НАТО и учествува во многу мисии. Не само земјата, туку и целиот регион може да оди само напред, во правилна насока, доколку сериозно и посветено се занимаваме со овие предизвици. Во оваа насока сите членки на НАТО знае и гледа дека земјата е посветен партнер и дека придонесува во разни мисии - изјави Даниел Браун.
Главната тема на панелот беа безбедносните импликации за Македонија и Западен Балкан од настаните кои се случуваат насекаде во светот, особено војната во Украина и Палестина.
- Сметаме дека ЕУ треба да истапи сериозно и го препознаваме новиот моментум за проширување, најмногу во контекст на конфликтот во Украина. Сметаме дека треба да се истапи со конкретни чекори без симболизми за да може да се охрабри целиот регион и да продолжи на својот евроатлантски курс - изјави Катерина Јакимовска, Центар „Вилфред Мартенс“.
Говорници на панел-дискусијата беа Васко Наумовски од Академијата за европски интеграции, Тимчо Муцунски, градоначалник на Општина Аеродром, Моника Зајкова, пратеничка во Собранието на РСМ и Дејан Маролов, професор на УГД.
- Нашата денешна дискусија е во насока на натамошна промоција на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Единствениот начин да го наруши интегритетот, ЕУ треба да го направи проширувањето кон Западен Балкан - изјави Васко Наумовски од Академијата за европски интеграции.
Модератор на трибината беше деканката на Правниот факултет, проф. д-р Олга Кошевалиска.
- Несомнено се наметнува потребата да се дискутира академската мисла на овие тематики. Како Универзитет се обидуваме да придонесеме за важноста на меѓународното право во светот и да се зачува владеењето на правото во меѓународниот правен поредок. Со оглед на тоа што и Македонија е дел од тие процеси на ЕУ интеграции и земја-членка на НАТО се обидуваме да дадеме максимален придонес за развивање на свест кај населението и кај студените, за тоа што се вредностите на меѓународниот поредок - изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, проректор на УГД.
Покрај излагањата од присутните имаше и интерес од студентите кои беа присутни. Студентите изразија интерес за тоа кога Македонија би можела да стане дел од Европската Унија и дали и како влијае Европската Унија на нас како држава.