-
Создадено: Четврток, 19 Септември 2024
На Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ денес започна 11. Меѓународна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“.
Деканката на Правниот факултет при УГД, проф. д-р Олга Кошевалиска, изјави дека оваа година има над 100 учесници од повеќе земји, а главната тема е општествените промени во глобалниот свет која треба да ги опфати дигитализацијата, еколошките промени, модернизација на правото на политиките, но и да ги покрие делот за реформата за правното образование и потребата од клиничкото образование.
- Нашата конференција традиционално ја организираме со голем број на учесници, а оваа година имаме над 100 учесници од неколку земји, вклучувајќи ги Македонија, Србија, Шведска, Италија, Албанија, Бугарија, Холандија и така натаму. Главната тема е да ги покрие целиот оној импакт којшто го има, а тоа се дигитализација, еколошките промени и предизвици, модернизација на правото на политиките и на новинарството - рече Кошевалиска.
Според судијата на Врховниот суд, Мирјана Лазарова Трајковска, во државата бавно и полека се учат лекциите од грешките, меѓутоа тоа се процесите и треба истите да поминат, а за истото потребно е време.
- Јас ќе зборувам за влијанието на Европската конвенција за човековите права врз промените во македонското општество, бидејќи да зборуваме за општествени промени во која било земја. Ако не работиме на промени во делот на почитувањето на човековите права, бидејќи тие претставуваат темел и столб на демократизацијата на општеството, а влијанието на европската конвенција за човековите права и на праксата за Европскиот суд за човековите права е видливо не само во постапките, меѓутоа и во работата на македонскиот парламент, македонските институции. Ние некако бавно, полека ги учиме лекциите од нашите грешки, меѓутоа тоа се процеси кој треба да се поминат за кој треба време - вели Лазарова Трајковска.
На Меѓународната научна конференција на штипскиот Правен факултет учество со свои трудови имаат и универзитетски професори и експерти од повеќе земји.