-
Создадено: Четврток, 05 Декември 2024
Во текот на минатата недела, на 27.11.2024 година, Правниот факултет беше домаќин на гости предавачи од Србија и Р. Српска, Босна и Херцеговина.
По покана на Катедрата по граѓанско право, во рамките на предметните програми за Семејно право и Облигационо право, студентите од втора и трета година имаа можност да ги слушаат предавањата на нашите гости и да учествуваат во дискусијата за споредбено-правните прашања кои притоа се отворија.
Првиот предавач беше д-р Богдана Стјепановиќ, научен соработник во Институт за споредбено право во Белград. Нејзиното предавање беше на тема „Рамноправност на брачните другари при склучување на брачен договор“. Оваа тема е особено интересна, бидејќи брачниот договор не е регулиран во домашното право, што отвори простор за дискусија и бројни прашања од страна на студентите.
Исто така, на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип по втор пат гостуваше професорката Станка Стјепановиќ, пензиониран професор на Правниот факултет при Универзитетот во Источно Сараево, Република Српска, Босна и Херцеговина.
Предавањето на професорката Стјепановиќ беше на тема „Надомест на штета при сообраќајна несреќа во која учествуваат автономни возила“, што предизвика особен интерес кај студентите и присутните.
Ова гостување е резултат на долгогодишната и плодна соработка помеѓу професорката Станка Стјепановиќ и професорката Марија Амповска од Правниот факултет во Штип. Двете професорки се коавторки на два универзитетски учебници издадени од страна на Универзитетот во Источно Сараево:
- „Облигационо право – посебни дио“ (објавен во 2023 година)
- „Облигационо право – општи дио“ (објавен во 2024 година).
Овие учебници, кои се задолжителна литература за студентите на Универзитетот во Источно Сараево, сега ќе им бидат достапни и на студентите од Правниот факултет во Штип, преку факултетската библиотека, како дополнителна литература.
Со оваа соработка се зацврстуваат академските врски помеѓу двата универзитета и Институтот за споредбено право во Белград и се придонесува кон подобрување на образовниот процес за студентите.