-
Создадено: Петок, 06 Декември 2024
Правниот факултет при УГД денес одржа симулација на постапка пред Европскиот суд за човекови права. Настанот беше изведен од страна на студентите кои претходно учествувале на меѓународни натпревари по истата тематика.
- Со овој настан сакаме да потенцираме две главни работи. Тоа е да им аплаудираме на студентите за нивната активност и за нивното учество во меѓународни натпревари на кои се покажува нивното знаење. Ние сметаме дека инвестицијата во младите и во нивната стручност и знаење е најголема инвестиција во правдата, демократијата и почитувањето на човековите права. Второто што сакаме да го одбележиме со оваа симулација пред меѓународниот суд за човекови права е да го одбележиме меѓународниот ден за човекови права, односно да апострофираме дел од нашата меѓународна соработка - изјави проф. д-р Олга Кошевалиска, деканка на Правниот факултет.
Со настанот се одбележа Меѓународниот ден на човековите права, а истиот е дел од активностите на Центарот за меѓународно право и меѓународни односи при Правниот факултет - Универзитет „Гоце Делчев“, кој е член на Open Council of Europe Academic Networks (OCEAN) мрежата при Советот на Европа.
- Правниот факултет при УГД е член на мрежата ОУШН од Советот на Европа. И во овој настан учество земаат наши студенти од Правниот факултет. Со овој настан не само што сакаме да ја истакнеме важноста за човековите права, правдата и правичноста, туку сакаме и преку ваквите практични искуства студентите во процесот на студирање да се соочат со правните предизвици кои постојат во она што значи заштита на човековите права. Да ги применат директно во иднина - изјави м-р Елена Трајковска од Правниот факултет при УГД.
Правниот факултет веќе години наназад се подготвува за вакви натпревари коишто се симулација на судења.