-
Создадено: Четврток, 17 Мај 2018
11% од младите користат опојни дроги, и тоа повеќе припадниците на посилниот пол, покажа истражувањето на тема „Злоупотреба на опојни дроги“, кое го спроведоа студентите од прва година на Правниот факултет и Медиумски студии и односи со јавностa на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
- Изненадува тоа што оние со најнизок социјален статус во споредба со лицата со среден и висок социјален статус повеќе користат опојни дроги. Најчесто употребувана е марихуаната, но исто така има и злоупотреба на лекови за смирување. Според испитаниците во истражувањето, места на кои најмногу се употребува дрога се музички фестивали, ноќни клубови и на изолирани места – изјави Ангела Димовска, студентка на Правен факултет.
Во истражувањето беа опфатени 405 студенти и средношколци од Источниот регион. Според Сања Стојчевска, која исто така учествуваше во реализирањето на истражувањето, високи 40% од испитаниците велат дека се информирани за штетното дејство на опојните дроги, но и дека е многу лесен пристапот до нив, а само 1% сметаат дека пристапот до дрогите е тежок:
- Во нашето истражување заклучивме дека во поголем дел студентите во однос на средношколците имаат пристап до дроги, а за штетното дејство се информираат најмногу преку презентации и обуки, медиуми, интернет, комуникација со родителите, семејството, а најмалку информации добиваат од матичните лекари. Направивме и паралела со истото истражување во 2015 г. и дојдовме до заклучок дека бројот на корисници на опојните дроги е зголемен, а се зголемува бројот на случаи на употреба на потешки дроги.
Студентите го реализираа истражувањето под менторство на проф. д-р Страшко Стојановски.