-
Создадено: Вторник, 02 Април 2019
По покана на проф. Анализа Ди Вита од Основното државно училиште „Луиџи Сетембрини“ во Рим, доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска на 1 март 2019 г. одржа предавање на тема „Македонија и балканските земји“ на учениците од VI одделение од истоименото училиште.
Во рамките на предавањето беа опфатени разни аспекти, како политичко-историски така и географски. Внимание беше посветено и на Југославија и на поранешниот југословенски систем, повлекувајќи паралела помеѓу она што сега претставува Европска Унија и она што беше Југославија. Но, исто така, се говореше и за војните низ поранешните југословенски земји, како и за актуелните политички случувања. Предавањето беше можност да се запознаат учениците со македонската култура и традиција и со македонските вредности. Учениците пројавија особен интерес кон овие теми, за што веќе претходно беа подготвиле најразлични прашања. Најпоставувано прашање беше за спорот со името помеѓу Македонија и Грција и зошто истиот постои.
Предавањето влијаеше многу позитивно во однос на спознавањето на Македонија и на балканските земји, со оглед на тоа дека на овие теми не се посветува многу внимание во школските учебници. Врз основа на тоа, предавањето беше оценето како одлична можност што ќе има долгорочни позитивни последици во однос на подигање на свеста кај италијанските ученици за соседите и соседните култури.