-
Создадено: Среда, 10 Април 2019
Во преполната сала на Мултимедијалниот центар на УГД десет говорници зборуваа на различни теми. Првото место жирито одлучи да ѝ го додели на Марија Коцева, студентка на Правниот факултет, која зборуваше за непотизмот во Македонија.
Говорот на Марија Коцева, насловен „Непотизам“, беше критика на начинот на вработување и селекција на кадри во македонското општество. Овој говор изнуди огромен аплауз од страна на публиката. Второто место ѝ припадна на Ана Михаиловска од Факултетот за природни и технички науки. Нејзиниот говор беше насловен „Еднакви во различноста“ и се однесуваше на тоа да се сврти вниманието кон лицата со посебни потреби. Третото место му припадна на Адријан Стефанов, студент на Филолошкиот факултет. Неговиот говор беше насловен „Заборавено единство“ и тој на алегоричен начин зборуваше за тоа колку луѓето треба да бидат обединети и колку многу се слични.
Ова беше деветта Ораторска вечер во организација на Правниот факултет и Клубот на оратори „Ростра Ветера“.
За првите три места се обезбедени парични награди од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“, признанија од Правниот факултет и плакети од Клубот на оратори. Во рамките на Ораторската вечер се одржа и постхумна изложба на еминентниот сликар и долгогодишен професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Тодор Максимов.
Во продолжение (на следните видеа) може да се видат сите говори и прогласувањето на победниците.