-
Создадено: Четврток, 11 Април 2019
Во свечената сала на Правниот факултет денес беше промовирана книгата „Реторика – историски и современи аспекти“.
Овој универзитетски учебник е коавторско дело на група професори од двата државни правни факултети: Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје и Правниот факултет при УГД – Штип (проф. д-р Мирјана Поленак-Аќимовска, проф. д-р Владо Бучковски, проф. д-р Гоце Наумовски, доц. д-р Димитар Апасиев и доц. д-р Јован Андоновски).
- По промоцијата на книгата „Реторика“ во Скопје доаѓаме овде на Универзитетот „Гоце Делчев“ да им дадеме признание на нашите двајца помлади колеги кои се овде професори, а од друга страна да го истакнеме значењето на Штип. Овој универзитет, иако е најмлад, тој е брзорастечки и заслужува помладите колеги да имаат многу повеќе вакви промоции и нивна афирмација - изјави проф. д-р Владо Бучковски, еден од авторите на книгата.
Промотори на книгата беа проф. д-р Кирил Барбареев и проф. д-р Трајче Стојанов, двајцата професори на Универзитетот „Гоце Делчев“.
- Книгата е навистина сеопфатен и целосен увид во реториката како наука за беседништвото. Може да се чита и како еден учебник, но и како практичен прирачник за сите оние што се интересираат за јавен настап, јавно говорење и беседништво. Во секој случај појавувањето на оваа книга на македонската академска сцена е убав настан и денес убаво ќе го чествуваме - изјави проф. д-р Трајче Стојанов, еден од промоторите на оваа книга.
Според промоторите, книгата е наменета не само за студентите туку и за новинарите, политичарите и за пошироката јавност.