-
Создадено: Вторник, 07 Мај 2019
Правниот факултет, меѓу другите активности кои ги спроведува по повод одбележувањето на Денот на Европа, на 9 мај 2019 г. во Рим, во соработка со Институтот за меѓународни правни студии при Националниот истражувачки центар во Рим (Istituto Studi Giuridici Internazionali–CNR), организира еднодневен семинар на тема „Европската Унија и решавањето на грчко-македонскиот спор, помеѓу нормативни принципи и двојни стандарди“ (L’Unione Europea e la soluzione della disputa greco-macedone: tra principi normativi e doppi standard).
Семинарот ќе биде посветен на грчко-македонскиот спор низ призмата на меѓународното право и на меѓународната политика и ќе има за цел да ја анализира улогата на Европската Унија во решавање на спорот, како и да дискутира за односите помеѓу надворешната политика на Европската Унија и почитувањето на принципите на европскиот поредок, но сето тоа и во светлина на меѓународните односи со НАТО. На семинарот во улога на главен спикер ќе учествува доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, која ќе говори за Договорот од Преспа и неговата анализа од аспект на меѓународното право. Освен неа, учесници во семинарот се: проф. Џема Андреоне од Институтот за меѓународни правни студии при Националниот истражувачки центар во Рим, проф. Фабио Марчели, раководител на истражувања во истоимениот институт, Орнела Ферајуоло, директор на Институтот за меѓународни правни студии, Матео Бономи од Институтот за меѓународни прашања во Рим (IAI) и Симоне Бенацо, истражувач во геополитичкото списание „Лимес“ (Limes) во Рим.
Семинарот е единствен од ваков вид организиран во Институтот и претставува особена чест за Правниот факултет да има можност да дискутира за македонските стојалишта во врска со грчко-македонскиот спор, но и за улогата и влијанието на Европската Унија во спорот, што главно не е пракса.