Институтот за меѓународни правни студии при Националниот истражувачки центар во Рим (Istituto Studi Giuridici Internazionali – CNR) во соработка со Правниот факултет при УГД - Штип одржа еднодневен семинар на тема „Европската Унија и решавањето на грчко-македонскиот спор, помеѓу нормативни принципи и двојни стандарди“  (L’Unione Europea e la soluzione della disputa greco-macedone: tra principi normativi e doppi standard).

Семинарот беше посветен на грчко-македонскиот спор низ призмата на меѓународното право и на меѓународната политика и имаше за цел да ја анализира улогата на Европската Унија во решавање на спорот, како и да дискутира за односите помеѓу надворешната политика на Европската Унија и почитувањето на принципите на европскиот поредок, но сето тоа и во светлина на меѓународните односи со НАТО.

На семинарот во улога на главен спикер учествуваше доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, која говореше за Договорот од Преспа и неговата анализа од аспект на меѓународното право. Конкретно, таа говореше за меѓународно-правните недостатоци на договорот, како формални така и суштински, кои се косат со општите принципи на меѓународното право и со договорните одредби од Виенската конвеннција за договорно право од 1969 година. Имено, според Никодиновска-Крстевска, одредбите од Договорот со кои се наметнува промена на името на државата Република Македонија се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право кои ги засегаат принципот на самоопределување на народите, принципот на суверена еднаковост помеѓу државите и принципот на забрана на мешање во внатрешните работи на другите држави. Како такви, врз основа на чл. 53 од Виенската конвенција за договорно право (ВКДП) тие треба да се сметаат за ништовни од моментот на нивното конципирање, токму заради недозволениот предмет на преговарање што го поседуваат. Освен тоа, со начинот и постапките користени при потпишување, донесување и спроведување на договорот беа исто така повредени норми од формален карактер содржани во членовите 7 и 8 од истоимената Конвенција, кои ги пропишуваат надлежностите и овластувањата за склучување на меѓународни договори кај претставниците на државите. Земајќи предвид дека повредените норми се од фундаментално значење за внатрешниот поредок на државата и дека тие се настанати на манифестен и ноторен начин, чл. 46 од Конвенцијата дава дополнителна потврда дека меѓународниот договор од Преспа треба да се смета за ништовен.

Презентацијата поттикна голем интерес кај учесниците и кај слушателите, особено заради фактот што информациите што беа презентирани беа сосема различни од она што го презентираат мејнстрим медиумите во јавноста. Ова пак своевремено отвори нова дебата за моќта на медиумите при креирање на јавното мислење, односно улогата на политиката и нејзиното влијание врз меѓународното право и меѓународните правни норми.

Други учесници на семинарот беа проф. Џема Андреоне од Институтот за меѓународни правни студии при Националниот истражувачки центар во Рим, која говореше за правните последици од Пресудата на Меѓународниот суд на правдата во спорот Македонија против Грција од 2011 год. и почитувањето на истата од страна на меѓународните организации вклучувајќи ги Европската Унија и НАТО. Понатаму, проф. Фабио Марчели, раководител на истражувања во истоимениот институт, говореше за карактеристиките на Договорот, а особено го полемизираше чл. 7 од Договорот односно можноста/неможноста за апропријацијата на историја и на културно наследство на народите како предмет на еден договор. Матео Бономи од Институтот за меѓународни прашања во Рим (IAI) говореше за позитивните карактеристики на договорот од Преспа и за улогата на Европската Унија во медијација на грчко-македонскиот спор. Симоне Бенацо, истражувач во геополитичкото списание „Лимес“ (Limes) во Рим, преку илустрација на неколку геополитички карти говореше за геополитичките односи помеѓу НАТО и Русија, но и за влијанието на новиот Пат на свилата врз потпишувањето на Договорот од Преспа. Орнела Ферајуоло, директор на Институтот за меѓународни правни студии, го отвори Семинарот одбележувајќи го Денот на Европа (9 мај) и говорејќи за значењето на Европската Унија, но и на националните земји-членки во достигнување на заеднички поставените вредности и во решавање и надминување на меѓусебните спорови и конфликти.

Семинарот е единствен од ваков вид организиран во Институтот и претставува особена чест за Правниот факултет да има можност да дискутира за македонските стојалишта во врска со грчко-македонскиот спор, но и за улогата и влијанието на Европската Унија во спорот, што главно не е пракса.

На следниов линк може да го проследите излагањето на доц. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.

Технички секретар

Маргарета Алчинова
Тел: +389 32 550 450
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
Адреса: ул. „Крсте Мисирков“ бр.10-А
Штип - 2000, Р.Македонија

Секретар

Љубица Медарска Апостолова
Тел: +389 32 550 585
E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Студентски прашања

Штип - Христина Груеска

Тел: +389 32 550 480

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Студентски прашања

Струмица - Аница Удовалиева

Тел: +389 32 550 250

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.

Скопје - Цветанка Матракоска

Тел: +389 32 550 129

E-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.