-
Создадено: Петок, 13 Декември 2024
На 4 декември 2024 година, на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип беа одржани предавања за студентите од втора година по предметот Облигационо право.
Предавањата ги одржа професор д-р Гале Галев, истакнат правник и долгогодишен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, кој моментално е во пензија.
Предавањата имаат посебно значење, бидејќи професор Галев предаваше на Правниот факултет во Штип во почетокот на неговото работење, давајќи важен придонес за развојот и зацврстувањето на наставниот процес во областа на правото, како и за академскиот развој на Универзитетот.
Во текот на својата кариера, професор Галев се посвети на развојот на науката и граѓанското право во Република Северна Македонија, а и денес активно работи на процесот на кодификација на граѓанското право, како претседател на Комисијата за изработка на Граѓанскиот законик на државата.
Предавањата на професорот беа насочени кон односот меѓу природното право и облигационото право, пренесувајќи им на студентите не само правни знаења туку и важни животни принципи. Со својот „учителски пристап“, професор Галев успеа да ја пренесе љубовта кон правото, науката и почитувањето на човековите природни права, како што се правото на живот, слобода на мислата, интелектуалното творештво, имотот, правдата и правната држава.
Овој настан претставува значајна можност за студентите да се инспирираат од искуството и визијата на еден од најголемите експерти во областа на граѓанското право.
Правниот факултет при УГД - Штип изразува огромна благодарност до професорот д-р Гале Галев за неговата континуирана поддршка и инспирација за новите генерации правници.